Висок американски функционер изјави дека Русија планира да спроведе референдуми на окупираните територии во источна Украина, што би довело до нивна анексија. Тој ги опиша овие референдуми како лажни.
„Според повеќето последни извештаи, веруваме дека Русија ќе се обиде да ги анектира народните републики Доњецк и Луганск. Извештаите кажуваат дека Русија планира да спроведе референдуми во средина на мај. Тоа би биле лажни референдуми“, изјави американскиот амбасадор во ОБСЕ, Мајкл Карпентер.
Вашингтон верува дека сличен план се подготвува и за третиот окупиран регион Херсон, првиот поголем град што Русите го освоија од почетокот на инвазијата на 24 февруари.
„Веруваме дека овие извештаи се веродостојни. Овие лажни и наместени референдуми нема да се сметаат за законски, како и кој било обид да се анектира украинска територија“, кажа Карпентер.
Русија веќе почна да спроведува своја власт на новоокупираните територии. Од 1 мај, во Херсон постепено почна да се воведува рубљата како средство за плаќање, а интернет сообраќајот е пренасочен на руската комуникациска инфраструктура.