САД воведоа санкции за најтесниот круг на Владимир Путин, вклучувајќи ги неговите ќерки. На листата се наоѓаат и семејството на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и големи банки.
Мерките следуваат по откривањето на руските злосторства во Украина. Русија тврди дека сцените на убиените цивили во Буча се наместени. Путин денеска ги опиша настаните во Буча како груба и цинична провокација.
Иако Белата куќа не ги наведе имињата на санкционираните деца на Путин, во други извештаи стои дека станува збор за неговите ќерки од бракот со бившата сопруга Људмила, Марија Воронцова и Катерина Тихонова.
„Веруваме дека Путин, како и многумина негови соработници, го крие своето богатство кај членови на семејството, кои го чуваат во американскиот финансиски систем и во други делови од светот. Веруваме дека голем дел од средствата на Путин е скриен кај членови на семејството, па затоа и тие се цел на санкциите“, кажаа од Белата куќа.
САД истовремено ги забранија сите нови инвестиции во Русија и воведоа строги санкции за најголемата руска приватна банка „Алфа“ и за најголемата финансиска установа „Сбербанк“.