САД запреле со испораките на некои оружја во Украина, објави Белата куќа, додека војната со Русија се засилува. Портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, кажа дека тоа било направено за да се стават интересите на Америка на прво место, откако министерството за одбрана извршило анализа на американската воена помош за други земји.
Од почетокот на руската инвазија, САД ја помогнале Украина со десетици милијарди долари вредна воена помош, поради што во владата на Доналд Трамп се појавила загриженост дека американските залихи се премали. Белата куќа не појасни кои испораки се запрени, но некои функционери кажаа дека тоа вклучило противвоздушни проектили и прецизна муниција.
„Потегот на Пентагон е заснован врз загриженоста дека американските воени залихи паднале на ниско ниво“, кажа еден функционер.
Кели нагласи дека силата на американската војска останува неспорна, додавајќи дека Иран најдобро го почувствувал тоа.
Оваа одлука доаѓа во тешко време за Украина, која се соочува со напредувањето на руските сили во повеќе делови на земјата, вклучувајќи ги новите фронтови во регионите Суми и Днипро. Русија исто така објави дека целосно го контролира регионот Луганск. Пред само една недела, Трамп разговараше со Володимир Зеленски на самитот на НАТО во Холандија, при што му рекол дека САД би можеле да ѝ дадат на Украина противракетни системи „патриот“.