Доналд Трамп застана во одбрана на Русија, наспроти тврдењата дека таа се мешала во претседателските избори во САД во 2016 година, со цел да му помогне да победи.
По првиот самит со Владимир Путин, што денеска се одржа во Хелсинки, Трамп им противречеше на американските разузнавачки служби и изјави дека немало никаква причина Русија да се меша во гласањето.
И Путин кажа дека Русија никогаш не се мешала во внатрешните работи на САД, но дека се израдувал на победата на Трамп.
„Јас сакав Трамп да победи на изборите, затоа што зборуваше за нормализирање на односите со Русија“, изјави Путин на прес-конференцијата по самитот.
Американските разузнавачки служби заклучија во 2016 година дека Русија стои зад сајбер нападите и лажните вести, кои имаа за цел да се поткопа кампањата на Хилари Клинтон.
„Претседателот Путин вели дека тоа не е дело на Русија. Јас немам причина да не му верувам“, рече Трамп.
Пред самитот, Трамп кажа дека односите со Русија никогаш не биле полоши, но дека сега тоа е сменето.