Доналд Трамп ги прослави првите 100 дена од вториот претседателски мандат на митинг во Мичиген, каде што ги величеше своите постигнувања и ги напаѓаше политичките ривали. Опишувајќи го својот мандат како „револуција на здравиот разум“, тој порача дека ќе го искористи за да направи длабоки промени.
„Ништо не може да ме запре. Само што почнавме, сѐ уште ништо не сте виделе. Во првите 100 дена ги направивме најголемите промени во Вашингтон во последните 100 години“, им кажа Трамп на своите поддржувачи во предградие на Детроит, центарот на американската автомобилска индустрија.
Ден порано, тој ублажи клучен елемент од неговиот економски план, намалувајќи ги царините за увоз на странски автомобили и автоделови.
Трамп ги отфрли анкетите кои велат дека неговата популарност опаѓа, велејќи дека се лажни. Според „Галуп“, Трамп е првиот претседател по Втората светска војна чија популарност паднала под 50% во првите 100 дена и сега изнесува 44%. Тој спроведе своја сопствена анкета на митингот, па побара од присутните да ги кажат нивните омилени прекари за Џо Бајден и ги исмеваше неговите ментални способности.
Трамп се фалеше со падот на имиграцијата, тврдејќи дека само 7.000 мигранти ја преминале границата минатиот месец, наспроти 140.000 во март 2024. Белата куќа објави дека во првите 100 дена на Трамп биле депортирани 65.700 мигранти.
Во својот говор тој се осврна и на цената на јајцата, тврдејќи дека поевтиниле за 87%, а се намалиле и инфлацијата, цените на енергијата и стапките на хипотека.