Емануел Макрон кажа дека само Украина може да решава за своите територии во мировните разговори со Русија откако денеска го прими Володимир Зеленски во Париз, ден пред средбата на американската делегација со Владимир Путин во Москва.
Европските лидери му дадоа поддршка на Зеленски по американско-украинските разговори за ревидирање на мировниот план за Украина, кој во прв момент силно ја фаворизираше Русија. Зеленски кажа дека изменетиот план изгледа многу подобро, но дека разговорите продолжуваат.
„Тоа е процес, сѐ уште не е завршено“, кажа Зеленски, признавајќи дека украинската контрола врз нејзините територии е најсложеното прашање во разговорите за планот.
Макрон изјави дека разговорите се уште сѐ во прелиминарна фаза, но додаде дека актуелниот бран на дипломатски активности е момент кој би можел да биде пресвртна точка за иднината на мирот во Украина и Европа. Зеленски денеска телефонски разговараше со десетина европски лидери, вклучувајќи ги оние од Велика Британија, Германија, Италија, Полска и ЕУ.
Зеленски ги повика европските сојузници да обезбедат Русија да не биде наградена за војната што ја започнала.
САД и Украина досега ги немаат објавено измените на американскиот мировен план од 28 точки што биле направени под притисок на Киев и неговите европски сојузници. Во меѓувреме, Русија не покажа знаци дека ќе ги повлече своите максималистички барања, додека нејзините сили продолжуваат бавно да напредуваат на фронтот долг 1.200 километри.



