СЕ РАЗГОВАРА ЗА ОПЦИЈАТА УКРАИНА ДА БИДЕ НЕУТРАЛНА ДРЖАВА КАКО АВСТРИЈА И ШВЕДСКА, ВЕЛИ КРЕМЉ

    СЕ РАЗГОВАРА ЗА ОПЦИЈАТА УКРАИНА ДА БИДЕ НЕУТРАЛНА ДРЖАВА КАКО АВСТРИЈА И ШВЕДСКА, ВЕЛИ КРЕМЉРусија и Украина кажаа дека има простор за компромиси (Фото: АП)

    Кремљ соопшти дека се дискутира за опцијата Украина да стане неутрална држава налик на Австрија и Шведска.

    „Тоа е опција за која се дискутира и што можеме да ја сметаме за компромис“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, зголемувајќи ги надежите за крај на војната во Украина.

    Главниот руски преговарач Владимир Медински појасни дека австриско-шведски модел значи дека Украина би ја задржала својата војска, но не би смеела да има странски трупи и бази на својата територија. Ова следува откако рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров кажа дека Русија и Украина полека се усогласуваат околу некои делови од мировниот договор.

    „Сериозно се разговара за неутрален статус, се разбира, со некои безбедносни гаранции“, изјави Лавров.

    Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера призна дека Украина веќе не се надева на членство во НАТО, што се сфаќа како отстапка кон Русија.

    „Се разговара за модел на правно обврзувачки безбедносни гаранции, што на Украина би ѝ понудиле заштита од идни напади“, изјави советникот на Зеленски, Михајло Подољак.

    Четвртата рунда мировни преговори трае веќе трет ден и двете страни кажаа дека има простор за компромиси.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира