70 вакцини за коронавирус се во развој ширум светот, а три кандидати веќе се тестираат на луѓе, според Светската здравствена организација (СЗО), додека производителите на лекови брзаат да најдат лек за смртоносниот вирус.
Најдалеку со клиничките тестови е експерименталната вакцина на КанСино Бајолоџикс од Хонг Конг и Институтот за биотехнологија од Пекинг, која е втора фаза. Другите две вакцини кои се тестираат на луѓе се на американските компании Модерна и Иновио, според документот на СЗО.
Развојот на овиe вакцини се одвива со досега невидена брзина, бидејќи изгледа дека коронавирусот нема да може да биде запрен само со мерки за изолација. Фармацевтската индустрија се надева да го смали периодот од 10-15 години, колку што вообичаено е потребно да се развие вакцина, на една година.
Кандидати за вакцина имаат и гигантите Фајзер и Санофи, според документот на СЗО.
КанСино минатиот месец доби одобрување од кинеските регулаторни тела да почне тестирање на вакцината на луѓе. Модерна, која досега нема производ на пазарот, доби одобрување да тестира на луѓе во март, прескокнувајќи ги годините на тестирање на животни. Иновио почна со тестирање на луѓе минатата недела.