Почина Вирџинија Гуфри, која го обвини британскиот принц Ендру и други влијателни мажи за сексуална експлоатација како тинејџерка тргувана од финансиерот Џефри Епстајн. Имаше 41 година. Гуфри се самоуби вчера на нејзината фарма во Западна Австралија, потврди нејзиниот публицист.
„Вирџинија беше жесток воин во борбата против сексуалната злоупотреба и сексуалната трговија. Таа беше светлината што подигна толку многу преживеани“, се вели во соопштението на нејзиното семејство. „И покрај сите неволји со кои се соочи во животот, таа блескаше толку многу“.
Гуфри, родена во САД, со години живееше во Австралија, стана поборник за преживеаните од сексуална трговија со луѓе откако се појави како централна фигура во падот на Епстајн. Богатиот, добро поврзан њујоршки финансиски менаџер се самоуби во август 2019 додека чекаше судење за американските федерални обвиненија за сексуална трговија со десетици тинејџерки и млади жени, некои на возраст од 14 години. Обвиненијата дојдоа 14 години откако полицијата во Палм Бич, Флорида, првпат почна да ги истражува наводите дека тој сексуално малтретирал малолетни девојчиња најмени за да го масираат.
Гуфри излезе јавно откако првичната истрага заврши со 18-месечна затворска казна во Флорида за Епстајн, кој направи таен договор да избегне федерално гонење со тоа што се изјасни за виновен за релативно мали обвиненија наместо на државно ниво за поттикнување проституција. Тој беше ослободен во 2009. Во последователните тужби, Гуфри рече дека како тинејџерка била во Мар-а-Лаго – клубот во Палм Бич на претседателот Доналд Трамп – кога во 2000 година ѝ пристапила девојката на Епстајн, а подоцна и негова вработена, Гислејн Максвел. Гуфри рече дека Максвел ја ангажирала како масерка за Епстајн, но парот ефективно ја направил сексуална слугинка, притискајќи ја да го задоволи не само Епстајн туку и неговите пријатели и соработници. Гуфри рече дека со авион ја носеле низ светот заради сексуални услуги на мажи, вклучувајќи го и принцот Ендру додека имала 17 и 18 години.
Мажите го негираа тоа и го нападнаа кредибилитетот на Гуфри. Таа призна дека сменила некои клучни детали од нејзиното сведоштво, вклучувајќи ја и возраста на која првпат го запознала Епстајн.
Но, многу делови од нејзината приказна беа поткрепени со документи, сведочења на сведоци и фотографии – вклучително и една од неа и Ендру, со раката околу нејзината гола половина, во куќата на Максвел во Лондон.
Гуфри во една од нејзините тужби рече дека имала секс со принцот три пати: во Лондон за време на нејзиното патување во 2001, во замокот на Епстајн во Њујорк кога имала 17 години и на Девствените Острови кога имала 18 години.
„Гислејн рече: ‘Сакам да го направиш за него она што го правиш за Епстајн’, изјави Гуфри за „Дејтлајн“ на „Ен-БиСи“ во септември 2019.
Ендрју категорично ги отфрли наводите на Гуфри и рече дека не се сеќава оти ја сретнал. Неговите негирања му пукнаа в лице за време на интервју за „Би-Би-Си“ во ноември 2019. Гледачите видоа принц кој даваше небулозни деманти – како што го оспоруваше сеќавањето на Гуфри за испотениот танц велејќи дека тој медицински не е способен да се поти – и не покажа емпатија за жените кои рекоа дека Епстајн ги малтретирал.
Неколку дена по интервјуто, Ендрју се повлече од своите кралски должности. Тој се спогоди со Гуфри во 2022 за необјавена сума, согласувајќи се да направи „значителна донација“ за нејзината организација за помош на преживеани од сексуална трговија. Во соопштението поднесено пред судот се вели дека принцот признал оти Епстајн бил сексуален трговец со луѓе, а Гуфри „утврдена жртва на злоупотреба“.
Самоубиството на Епстајн стави крај на надежите на неговите жртви дека ќе го повикаат на кривична одговорност. Максвел беше осудена во 2021 за федерални обвиненија за сексуална трговија и заговор и беше осудена на 20 години затвор. Таа рече дека не е виновна за злоупотребата на Епстајн.