Пожарите кои горат околу Атина веќе четири дена по ред се засилија синоќа, што доведе до нови евакуации и уништувања на имоти. И покрај мобилизирањето на дополнителни ресурси, што вклучува и 11 противпожарни авиони и 11 хеликоптери, пожарникарите велат дека високите температури прават исфрлањето на водата да биде неефективно.
Во гаснењето учествуваат и летала испратени од Италија и Франција.
Најголема грижа за пожарникарите претставува пожарот кај селото Стефани, кој ја загрозува целата национална шума на планината Парнита, северно од Атина. Промената на насоката на ветерот оживеа друг огнен фронт, близу градот Мандра, каде што е наредена евакуација на три околни села, како и на градот Оинои во Атика.
Според проценките од синоќа, досега е изгорена површина од 9.400 хектари, од кои 60% во рамките на општината Мандра, додека во западна Атика и Коринт се оштетени или уништени над 100 објекти. Пожари има и и во јужна Грција и во планинската област на островот Родос, каде што е прогласена вонредна состојба.
Грција е среде топлотен бран и се најавува дека викендов, температурите би можеле да достигнат до 45 Целзиусови степени.