Руски напад на Украина сè уште е можен, изјави Џо Бајден, додавајќи дека САД немаат добиено потврда дека руските трупи делумно се повлекоа од границата.
„Повлекувањето на руските трупи би било добро, но ние сè уште немаме потврда за тоа. Сè уште не сме добиле потврда дека руските единици се вратија во своите постојани бази. Напротив, нашите аналитичари велат дека тие и натаму остануваат во заканувачка позиција. САД се подготвени што и да се случи“, изјави Бајден.
Американскиот претседател се огласи откако Владимир Путин кажа дека безбедносните грижи на Русија треба да се сфатат сериозно. Русија постојано негира дека планира да ја нападне Украина и Путин вчера нагласи дека не сака војна во Европа и дека е подготвен да преговара со САД и НАТО.
По претходните предупредувања дека инвазијата би можела да почне денеска, украинскиот претседател Володимир Зеленски прогласи ден на единството и ги повика граѓаните да веат знамиња. Сајтовите на министерството за одбрана и на две банки вчера биле цел на хакерски напад, за што Киев ја обвини Русија.
„САД и НАТО не се закана за Русија. Украина не ѝ се заканува на Русија. САД и НАТО немаат проектили во Украина, ниту имаат намера да ги распоредат. Нашата цел не е дестабилизација на Русија. САД не бараат директна конфронтација со Русија, ниту ќе праќаме војници во Украина“, кажа Бајден.