Бројката починати од коронавирусот во Италија се зголеми на седум, а 230 се заразени. Италијанските власти кажаа дека двајцата новопочинати, 62-годишник и 80-годишник, веќе имале сериозни здравствени проблеми.
Најпогоден регион во Италија е Ломбардија, каде што, според последните информации, има шестмина починати и 173 заразени.
Властите потврдија дека турист од Бергамо кој бил на одмор во Палермо е тестиран позитивно на коронавирусот, што е прв случај во јужниот дел на земјата.
Италија презеде низа строги мерки за да го спречи ширењето на вирусот, ставајќи 11 градови и 50.000 луѓе во карантин. Голем број фудбалски натпревари овој викенд ќе се играат без присуство на публика.
Светската здравствена организација соопшти дека светот треба да стори повеќе за да се подготви за можна пандемија, додавајќи дека се уште е рано ширењето на КОВИД-19 да се прогласи за такво.
Кинеските власти објавија дека ќе забранат консумирање диви животни и дека ќе стават крај на лов и трговија со забранети животински видови. Во Кина вчера починале 71 лице од коронавирусот, со што вкупната бројка изнесува 2.663, додека повеќе од 77.000 се заразени.
Во Јужна Кореја, втората најпогодена држава на светот, има девет починати и преку 900 заразени.
„Коронавирусот во САД е под голем надзор“, кажа Доналд Трамп.