Доналд Трамп и Џо Бајден се судрија околу ковид-19 и расизам на последната предизборна ТВ-дебата, разменувајќи и обвинувања за корупција и малверзации. Дебатата во Нешвил помина во поумерен и покултурен тон од првата, на која што двајцата претседателски кандидати се навредуваа и си упаѓаа во збор.
Најочигледната разлика помеѓу двајцата кандидати се покажа во поглед на пандемијата. Додека Бајден кажа дека не исклучува нови затворања во земјата доколку победи, Трамп инсистираше дека е време САД да се отворат.
„Ова е огромна земја со огромна економија. Луѓето губат работа, се самоубиваат. Имаме депресија, алкохолизам и дрогирање какви што не се видени досега. Зошто уште повеќе да ѝ штетиме на економијата поради зараза од која повеќето луѓе заздравуваат? Вирусот заминува и вакцината ќе биде подготвена да крајот на годината“, кажа Трамп, додека Бајден предупреди дека САД ги чека „мрачна зима“.
„Ние не научивме да живееме со коронавирусот, ние умираме со него. Секој што е одговорен за толку многу умирања и има толку несериозен пристап кон вирусот не би требало да остане претседател“, му возврати Бајден.
Кандидатот на Демократите го опиша Трамп како еден од најрасистичките претседатели во модерната историја на САД, на што тој му одговори дека „во просторијата нема помал расист од мене“.
На 11 дена до изборите, анкетите покажуваат дека Бајден има солидно водство на национално ниво, но разликата е помала во некои клучни држави, кои би можеле да му донесат победа на кој било од нив. Повеќе од 47 милиони луѓе веќе гласале и сега има помалку неопределени гласачи отколку во претходните изборни години.