Очекуваната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Северна Кореја би можела да ги продлабочи воените врски помеѓу двете земји, спротивно на санкциите на Обединетите нации, предупредија американски и јужнокорејски функционери.
Заменик-министерот за надворешни работи на Јужна Кореја, Ким Хонг-кјун, кажа дека посетата на Путин не треба да резултира со поголема воена соработка помеѓу Москва и Пјонгјанг.
Висок претставник од кабинетот на јужнокорејскиот претседател изјави дека Путин планира да ја посети Северна Кореја во следните денови, возвраќајќи на патувањето на Ким Џонг Ун во Русија во септември. Се верува дека при таа посета било договорено Северна Кореја да добие помош во развојот на својата вселенска програма, а Русија за возврат да добие оружје за војната во Украина.
И рускиот весник „Ведемости“ објави дека Путин во следните недели би можел да ги посети Северна Кореја и Виетнам.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, одби да каже термин или агенда за можна посета, туку истакна дека Русија има право да развива поблиски врски со Северна Кореја. Ова би била прва посета на Путин на Северна Кореја од 2000.
Вашингтон тврди дека руската војска користела севернокорејски проектили и гранати во напади врз Украина, што беше негирано од Москва и Пјонгјанг.