Војската на Јужна Кореја соопшти дека Северна Кореја почнала да отстранува дел од звучниците што се користат за емитување пропаганда преку границата меѓу двете земји. Овој потег се смета за позитивен одговор на гестовите на новоизбраниот јужнокорејски претседател Ли Џае-мјунг, кој водеше кампања ветувајќи подобрување на меѓукорејските односи.
Јужна Кореја претходно неделава демонтираше дел од сопствените звучници, а ги прекина своите емитувања долж демилитаризираната зона веднаш откако претседателот Ли ја презеде функцијата во јуни, што предизвика сличен одговор од Пјонгјанг.
Емитувањата од звучниците беа прекинати во јуни 2024 по шестгодишна пауза, како одговор на кампањата на Северна Кореја за испраќање балони полни со смет на југ. Јужнокорејските преноси често вклучуваа кеј-поп песни и вести, додека Северот пушташе вознемирувачки звуци.
Жителите кои живеат долж границата долго време се жалеа дека бучавата што доаѓа од двете страни им го нарушува секојдневието.
Односите меѓу двете Кореи се влошија за време на претходниот претседател Јун Сук-јол, кој имаше поостар став кон Пјонгјанг и беше отповикан од функцијата во декември минатата година.
Иако обединувањето беше клучен дел од идеологијата на Северот, лидерот Ким Џонг-ун се откажа од таа идеја во 2024 година. Двете земји технички сè уште се во војна, бидејќи Корејската војна (1950-1953) заврши со примирје, а не со мировен договор.