Северна Кореја објави дека ја тестирала својата најмоќна интерконтинентална балистичка ракета. Државните медиуми го опишаа вчерашното тестирање како чудесен успех.
Таа има погон на цврсто гориво и вакви проектили се испукуваат побрзо од оние со течно гориво, со што и потешко се пресретнуваат. Но, аналитичарите велат дека и вакви проектили имаат слаби страни.
Ова е првпат Северна Кореја да тестира балистички проектил со долг дострел со цврсто гориво, откако неколку години тестираше вакви проектили со среден дострел. Експертите велат дека ова е напредок за севернокорејската програма за оружје зашто овој проектил би овозможил напад на САД без многу предупредувања.
Лидерот Ким Џонг Ун, кој го надгледувал лансирањето заедно со неговите ќерка, сопруга и сестра, изјави дека „ова тестирање ќе направи ривалите да страдаат од страв и вознемиреност“.
Министерството за одбрана на Јужна Кореја соопшти дека оваа технологија не е нова и го опиша тестирањето како „среден чекор“ во развојот на полноправен систем на интерконтинентална балистичка ракета на цврсто гориво. Тестирањето предизвика паника во северна Јапонија, каде што за момент беше наредена евакуација на островот Хокаидо.