Шефот на руската платеничка група „Вагнер“ и близок соработник на Владимир Путин, Евгени Пригожин, призна дека се мешал во изборите во САД и додаде дека ќе продолжи да го прави тоа, со што за првпат ги потврди обвиненијата што со години ги отфрлуваше.
„Господо, се мешавме, се мешаме и ќе продолжиме да се мешаме. Внимателно, прецизно, на наш начин, зашто знаеме како се прави тоа“, напиша Пригожин на социјалните мрежи.
Ова признание доаѓа во предвечерието на изборите за американскиот Конгрес, на кои се очекува Републиканците да остварат подобри резултати од Демократите, кои моментално ги контролираат двата дома.
Пред само два месеца, Пригожин првпат призна и дека ја основал паравоената организација „Вагнер“, чии борци имаат сè поизразена улога во руската инвазија на Украина.
Во јули, Стејт департментот понуди награда од десет милиони долари за информација за руското мешање во американските избори, вклучувајќи и за Пригожин.