Германскиот канцелар Олаф Шолц ги повика популарните партии да формираат покраински влади без „крајнодесничарските екстремисти“ откако Алтернатива за Германија (АфД) оствари голема победа на регионалните избори во Тирингија и Саксонија викендов. Тој ги опиша резултатите како горчливи откако АфД стана првата крајнодесничарска партија која победила на едни избори во Германија по Втората светска војна, освојувајќи најмногу гласови во Тирингија, додека во Саксонија беше втора.
Иако освои речиси една третина гласови, малку е веројатно дека АфД ќе успее да формира влада во двете источногермански покраини зашто другите големи партии досега одбиваа да соработуваат со неа. Сепак, оваа националистичка, антиимиграциска и проруска партија би можела да има доволно пратеници во двата регионални парламента за да блокира одлуки за кои е потребно двотретинско мнозинство, како назначување судии, со што ќе има досега невидена моќ.
„Резултатите од гласањето во Тирингија и Саксонија се загрижувачки. Нашата земја не смее да се навикне на ова. АфД ѝ штети на Германија. Таа ја ослабнува економијата, го дели општеството и го уништува нашиот углед“, кажа Шолц.
Сите три партии од владејачката коалиција изгубија гласачи, при што само СПД на Шолц комотно го надмина прагот од 5% освоени гласови за да остане во двата регионални парламента.
Новата популистичка партија Сојузот на Сара Вагенкнехт – Причина и правда, основана од поранешна членка на Источногерманската комунистичка партија, заврши на третото место во двете покраини на своите први избори.