Шпанија започна со операција за евакуација на патниците од крузерот „МС Хондиус“, кој се наоѓа во близина на Тенерифе на Канарските Острови поради појава на хантавирус. Шпанската министерка за здравство Моника Гарсија вели дека процесот тече во најдобар ред и оти во моментов кај ниту еден од патниците не се забележани симптоми на болеста.
Патниците се префрлаат до брегот во мали групи со помош на чамци, по што се транспортираат до локалниот аеродром. Таму ги чекаат чартер летови подготвени за нивна репатријација во матичните земји. Први бродот го напуштија 14 шпански државјани, а потоа следуваат групите од Холандија, Германија и Грција. Организирани се и летови кон Велика Британија и САД, додека последната група патници за Австралија е планирано да замине в понеделник.
Шпанските државјани по напуштањето на бродот ќе бидат пренесени во воената болница „Гомез Уља“ во Мадрид, каде што ќе мора да поминат низ строг карантин. Со оглед на тоа што овој вирус има период на инкубација од дури девет недели, сè уште не е прецизирано колку точно ќе трае нивната изолација.
Во болницата „Канделарија“ во Тенерифе веќе се наоѓаат тимови од специјалисти за интензивна нега, подготвени за интервенција доколку некој од патниците се разболи за време на трансферот. Главниот лекар на единицата за интензивна нега, Мар Мартин, изјави дека медицинскиот персонал е целосно обучен за вакви ситуации и дека располагаат со сета потребна заштитна опрема и респиратори за справување со евентуални компликации.
Оваа сложена операција има за цел да го спречи ширењето на реткиот „Анди“ сој на хантавирус. Појавата на заразата се поврзува со депонија во јужниот дел на Аргентина, каде што вирусот го пренесуваат глодари. Иако е исклучително ретко вирусот да се пренесе од човек на човек, на овој крузер досега се регистрирани три смртни случаи.
Министерката Гарсија изјави дека ризикот од зараза за пошироката јавност е на многу ниско ниво и ги повика граѓаните да не подлегнуваат на дезинформации. Поддршка на шпанските власти им даде и првиот човек на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, кој дојде во Тенерифе за лично да ја надгледува акцијата. Тој вели дека загриженоста е разбирлива поради искуствата од ковид-пандемијата, но тврди дека државата е максимално подготвена за да ги спречи евентуалните проблеми.
Евакуацијата не помина без тензии, бидејќи дел од локалните жители и пристанишните работници протестираа поради страв дека безбедносните мерки не се доволно силни. Ситуацијата дополнително се искомплицира кога претседателот на Канарските Острови, Фернандо Клавихо, првично одби да дозволи влез на бродот, изразувајќи загриженост дека глодари од крузерот можат да излезат на копното и да ги загрозат луѓето. По ова следеше итна интервенција на централната влада во Мадрид за да се овозможи спроведување на планот.
На крузерот ќе останат околу 30 членови на екипажот кои треба да го однесат бродот назад во Холандија. За останатите патници, по неколку недели неизвесност на море, сега започнува периодот на изолација и долготраен медицински надзор.



