ШПАНИЈА ГО ОДБИ ПЛАНОТ НА НАТО ДА СЕ ИЗДВОЈУВААТ 5% ОД БДП ЗА ОДБРАНАТА

    ШПАНИЈА ГО ОДБИ ПЛАНОТ НА НАТО ДА СЕ ИЗДВОЈУВААТ 5% ОД БДП ЗА ОДБРАНАТАПремиерот Педро Санчес вели дека предлогот е неразумен и контрапродуктивен (Фото: АП)

    Шпанскиот премиер Педро Санчес го одби планот на НАТО да се издвојуваат 5% од бруто домашниот производ за одбраната, велејќи дека предлогот е неразумен и контрапродуктивен. Санчес кажа дека не сака да го комплицира претстојниот самит на НАТО во Хаг, на кој ќе се расправа за ова, туку бара пофлексибилна формула, со која зголемувањето на трошоците би се направило опционо.

    Предлогот, што го турка генералниот секретар Марк Руте, е одговор на барањето на Доналд Трамп да се зголемат трошоците за одбраната на 5% од сегашните 2%. Тој предвидува членките на НАТО да издвојуваат 3,5% од својот БДП за одбраната и да обезбедат дополнителни 1,5% за поширока безбедност.

    Во писмо до Руте, Санчес кажа дека предлогот не е во согласност со шпанскиот концепт на социјална држава и со неговата визија за светот.

    „Прифаќањето на целта од 5% не само што би било неразумно, туку и контрапродуктивно, бидејќи би ја оддалечило Шпанија од оптимално трошење и би ги попречило тековните напори на ЕУ за зајакнување на нејзиниот безбедносен и одбранбен екосистем. Легитимно право на секоја влада е да одлучи дали е подготвена да ги направи тие жртви. Како суверен сојузник, ние избираме да не го сториме тоа“, кажа Санчес.

    Шпанија во моментов значително заостанува зад другите западни земји, издвојувајќи само 1,3% од својот БДП за одбраната. Таа предложи трошењето да се постави на 2,1%.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира