Шпанија и Франција станаа првите европски земји кои го надминаа прагот од еден милион случаи на коронавирус.
Шпанија вчера регистрираше 16.973 новозаразени и 156 починати од ковид-19 и за неполни девет месеци од првиот потврден случај стигна до бројката од 1.005.295 позитивни тестови. Универзитетот Џонс Хопкинс објави дека Франција сега е на 1.000.357 потврдени случаи на зараза, а од ковид -19 починале 34.075 лица.
Само уште пет држави имаат повеќе од еден милион случаи на коронавирус: САД, Индија, Бразил, Русија и Аргентина.
Ова следува додека Европа се наоѓа среде драматично ширење на коронавирусот, при што државите полека враќаат некои од најстрогите рестриктивни мерки.
Германија за првпат од почетокот на епидемијата пријави повеќе од 10.000 новозаразени во еден ден. Според податоците на институтот „Роберт Кох“, во изминатите 24 часа се регистрирани 11.287 нови случаи на зараза, речиси 3.500 повеќе во однос со претходниот ден.