Децата во Шпанија седат дома од 14 март поради строгите мерки против ширењето на коронавирусот и премиерот Педро Санчес планира да го олесни ова правило на 27 април, за да им се овозможи да „излезат на свеж воздух“.
Градоначалничката на Барселона Ада Колау, која и самата има мали деца, оваа недела ја повика владата да ги ослободи децата и да им дозволи да излезат надвор.
„Шпанија ги остави зад себе најекстремните моменти и го потисна бруталниот напад на пандемијата“, кажа Санчес во телевизиско обраќање.
Тој ќе побара од парламентот да ја продолжи вонредната состојба до 9 мај затоа што „она што досега е постигнато е недоволно и лесно кршливо и би можело да биде загрозено од непромислени одлуки“.
Осум милиони деца во Шпанија пет недели седат дома, додека Данска веќе отвори некои училишта, а истото го најавуваат и други европски држави.
Шпанија вчера ја надмина бројката од 20.000 починати од КОВИД-19.