По САД и Италија, Шпанија денеска стана трета држава која го достигнала прагот од 20.000 починати од КОВИД-19.
Во земјата досега има 20.043 жртви на коронавирусот, од кои 565 во последните 24 часа. Во исто време, Шпанија е втора на светот според бројот на заразени – 191.726, од кои речиси 75.000 заздравиле.
Италија пријави нови 482 починати од КОВИД-19, со што вкупната бројка порасна на 23.227.
Велика Британија, пак, денеска ја надмина границата од 15.000 починати од КОВИД-19, откако додаде 888 нови. Вкупната бројка сега изнесува 15.464, но оваа официјална статистика ги вклучува само оние кои починале во болници.
Хрватска го продолжи карантинот за уште 15 дена, но најави дека постепено ќе ги олеснува мерките со цел да ѝ се помогне на економијата. Во Хрватска досега има 1.832 заразени, од кои само 18 во последните 24 часа и 39 починати.