Жителите на три села во околината на Берлин се евакуирани, откако неколку шумски пожари излегоа од контрола. Дополнителен ризик претставуваат складишта со муниција, кои се сместени во таа област.
Повеќе од 300 пожарникари се борат со огнот, но, сепак, била наредена целосна евакуација на три села. На повеќе од 540 жители преку разглас им било советувано веднаш да заминат и да ги земат само најважните работи.
„И порано имавме шумски пожари, но никогаш со ваква силина“, изјави градоначалникот на Троенбрицен, Михаел Кнапе.
Иако е најавен повремен дожд за Берлин и Бранденбург, метеоролозите не можеа да предвидат дали тоа ќе помогне во гаснењето на пожарите, кои се закануваат и на неколку железнички линии. Аеродромот во Берлин нормално функционира.
„Пожарите избувнаа на неколку места и за кратко време се проширија на површина од 300 хектари. Огнот сè уште не е ставен под контрола, но и сè уште нема изгорени објекти“, кажа министерот за внатрешни работи на Бранденбург.