Итните служби на Украина продолжуваат да се борат со шумските пожари во контаминираната област околу нуклеарната централа во Чернобил и властите кажаа дека нивото на радијација е значително над нормалните вредности.
Два пожара избувнаа во саботата во зоната која беше запечатена во 1986 година по експлозијата во централата.
„Имаме лоши вести – радијацијата во центарот на пожарот е 16 пати над нормалното ниво“, изјави Егор Фирсов, шефот на Државниот инспекторат за животна средина.
Пожарникарите кажаа дека еден пожар е ставен под контрола, но поголемиот, кој зафатил површина од 20 хектари, и натаму е активен. Тие користат авиони во гаснењето.
Нивото на радијација во 100 километри оддалечениот Киев останува во рамките на нормалното.