ШВАЈЦАРИЈА ГЛАСАШЕ ПРОТИВ ПРЕДЛОГОТ ЗА ОГРАНИЧУВАЊЕ НА НАСЕЛЕНИЕТО НА 10 МИЛИОНИ ЖИТЕЛИ

    ШВАЈЦАРИЈА ГЛАСАШЕ ПРОТИВ ПРЕДЛОГОТ ЗА ОГРАНИЧУВАЊЕ НА НАСЕЛЕНИЕТО НА 10 МИЛИОНИ ЖИТЕЛИНа референдумот околу 45% од гласачите го поддржале предлогот, а 55% биле против. (Фото: АП)

    Швајцарија денеска го отфрли предлогот за ограничување на населението на 10 милиони жители, покажаа проекциите за резултатот на референдумот, бидејќи гласачите им дадоа предност на економската стабилност и односите со Европската Унија пред загриженоста дека имиграцијата ги оптоварува јавните услуги и ги зголемува кириите. Проекцијата на националниот радиодифузер СРФ, кој традиционално ги објавува резултатите од референдумите, покажа дека околу 45% од гласачите го поддржале предлогот, а 55% биле против.
    Прелиминарните проценки покажаа излезност од околу 58%, што е значително над неодамнешниот просек од 48% за швајцарските референдуми.

    Гласањето, кое беше споредувано со британскиот референдум за Брегзит од 2016, ги стави бизнисите во неизвесност поради стравувањата дека би можело да го прекине слободното движење на работна сила меѓу Швајцарија и ЕУ, главниот трговски партнер на земјата. Предлогот, поддржан од десничарската Швајцарска народна партија, предвидуваше населението да не надмине 10 милиони жители пред 2050 година и, ако тоа се случи во период од две години, Швајцарија да ја укине слободата на движење со ЕУ.

    Урс Биери од агенцијата за испитување на јавното мислење ГФС Бернn изјави дека иницијативата не успеала да помине бидејќи, иако загриженоста за растот на населението е широко распространета, луѓето не биле убедени во планот и стравувале од можните несакани последици.

    „Гласачите беа загрижени за негативните последици врз односите на Швајцарија со ЕУ и врз пазарот на трудот“, рече тој. „Луѓето се загрижени и за тоа дали ќе има доволно негуватели и здравствени работници. Исто така, постои чувство дека во сегашната меѓународна средина не е разумно една мала земја да преземе ваков чекор“, додаде Биери.

    Швајцарското население веќе изнесува 9,1 милион жители и расте значително побрзо отколку во околните земји на ЕУ. Странците сочинуваат речиси 28% од населението на Швајцарија, а официјалните проекции предвидуваат дека бројот на жители ќе достигне 10 милиони до почетокот на 2040-тите години.

    Марсел Детлинг, претседател на Швајцарската народна партија, изјави за СРФ дека иницијативата била многу популарна во руралните средини, но на крајот била поразена од гласачите во урбаните области.

    „Ниту еден проблем не е решен“, рече тој. „Ќе продолжиме да се залагаме за разумна имиграциска политика“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира