Големи делови од Европа поминаа уште една ноќ во замрзнати услови, додека сибирската клима продолжи да создава хаос.
Невообичаено студеното време може да се почувствува сѐ до Медитеранот, при што досега од студ починале 55 луѓе, најмногу во Полска – 21 и тоа, главно, се бездомници. Седум луѓе се пронајдени мртви во Словачка, шест во Чешка, пет во Литванија, а студот однесе животи и во Италија, Франција, Португалија, Србија, Словенија и Романија.
Светската здравствена организација предупреди дека сиромашните, бездомниците и мигрантите се најтешко погодени од големиот студ, кој беше именуван различно во европските земји, како „ѕвер од истокот“, „сибирска мечка“ и „снежно ѓуле“.
Ирска се подготвува за најголемите снежни врнежи во последните неколку децении, а аеродромите во Женева и во Амстердам беа принудени да откажат голем број летови.
Во Франција, околу 2.000 возачи 24 часа останаа заглавени на автопат во близина на Монпелје. Исто така, беа прекинати некои железнички линии меѓу Лондон, Париз и Брисел.
Во некои делови од Европа се очекува покачување на температурите во наредните денови.