Судијка во Барселона и официјално го осомничи синот на Исак Андик, основачот на модната групација „Манго“, во истрагата за смртта на неговиот татко, кој загина на планинарење во 2024. Четириесет и петгодишниот Џонатан Андик беше уапсен и испрашан од полицијата, по што беше доведен во суд со лисици на рацете. Судијата му одреди кауција од еден милион евра и му нареди да го предаде пасошот.
Андик го напушти судот откако ја плати кауцијата, но не смее да го напушта регионот и мора да се јавува во судот еднаш неделно. Судијката Ракел Нието Галван изјави по сослушувањето дека случајот се истражува како убиство.
Исак Андик загина на планинарење во Каталонија во декември 2024 и според верзијата на Џонатан, тој случајно паднал од карпа откако се лизнал на една од патеките. Смртта на 71-годишниот Андик во прв момент беше прогласена за несреќен случај, но недоследности во изјавите на Џонатан и други докази ги наведоа истражителите да продолжат да испитуваат. Неколку шпански медиуми известија дека двајцата имале напнати односи и дека имале сериозна расправија непосредно пред инцидентот.
Судијката Галван наведе докази што укажуваат на лоши односи помеѓу таткото и синот, можен финансиски мотив, претходно планирање и проучување на местото на настанот, обдукција што практично исклучува лизгање или сопнување и несовпаѓања во изјавите на осомничениот како фактори што би можеле да го поврзат Џонатан Андик со смртта на неговиот татко.
Семејството Андик соопшти дека тој е невин.
„Нема легитимни докази против него, ниту ќе бидат пронајдени“, се вели во соопштението.
Адвокатот на одбраната Кристобал Мартел ја нарече теоријата за убиство недоследна.
„Но, пред сè, таа е болна зашто стигматизира невин човек. Сега започнува вистинскиот процес, а вистината и неговата невиност ќе излезат на виделина“, кажа Мартел.



