Синот на познатиот шпански актер Родолфо Санчо Агире е осуден на доживотен затвор во Тајланд откако убил и искасапил пластичен хирург во оваа држава минатата година. Даниел Санчо Брончало, чии мајка и дедо исто така се актери, ја призна вината лани, но тврдеше дека го убил колумбискиот хирург Едвин Ариета Артеага во самоодбрана.
Триесетгодишниот Санчо кажа дека бил заложник на Ариета, кој бил опседнат со него.
Случајот предизвика огромен интерес во Шпанија, при што бројни шпански новинари го следеа судењето во Тајланд. Санчо, кој беше готвач на својот канал на Јутјуб, беше прогласен за виновен за убиство со умисла, прикривање леш и за уништување имот. Судот во прв момент сакаше да му изрече смртна казна, но се одлучи за доживотен затвор.
Полицијата откри делови од телото на 44-годишниот Ариета на депонија во почетокот на август минатата година. Во исто време, Санчо во полиција го пријави неговото исчезнување и подоцна на испрашувањето призна дека го убил и дека му го исекол телото, а парчињата ги фрлил на седум локации на островот Кох Самуи.
Одбраната тврдеше дека Санчо делувал во самоодбрана откако Ариета сакал да го силува.