Бенјамин Нетанјаху кажа дека целиот израелски народ ја плаќа цената на иранските напади, па така тој морал да ја откаже свадбата на син му. Израелскиот премиер ја даде оваа изјава при посетата на болницата „Сорока“ во Бершева, која денеска беше тешко оштетена во ирански ракетен напад.
„Целиот израелски народ ја плаќа цената. Има ранети, некои семејства ги изгубија најблиските. Секој од нас плаќа лична цена и моето семејство не е поштедено. Син ми Бени Авнер веќе вторпат ја откажува венчавката поради ракетни напади. Тоа е лична цена и на неговата свршеница. Мојата драга сопруга е херој, и таа плаќа своја цена“, кажа Нетанјаху.
Свадбата на Авнер Нетанјаху од претходно предизвикуваше контроверзи. Антивладините демонстранти го обвинуваа семејството Нетанјаху дека сака да прави веселби додека некои израелски заложници и натаму се држат во Газа.
Свадбата требаше да се одржи во понеделникот во луксузна сала близу Тел Авив. Според израелските медиуми, полицијата имаше поставено блокади на патот и бодликава жица околу местото, а воздушниот простор требаше да биде затворен во радиус од еден и пол километар.