Руските државни медиуми даваат поглед на војната во Украина согласно политиката на Кремљ, па гостувањето на воениот аналитичар и пензиониран полковник Михаил Ходаренок во емисијата „60 минути“ беше нешто ново, откако тој ја прикажа „специјалната воена операција“ во сосема различно светло.
Тој предупреди дека ситуацијата за Русија ќе стане полоша, бидејќи Украина добива воена помош од западот и може да вооружи милион луѓе. Осврнувајќи се на украинските војници, Ходаренок кажа:
„Желбата да ја бранат нивната татковина е присутна во голема мера. Крајната победа на бојното поле е определена од високиот морал на трупите кои ја пролеваат крвта за идеите за кои се подготвени да се борат. Најголемиот проблем за руската воена и политичка ситуација е што ние сме во тотална геополитичка изолација. Целиот свет е против нас, иако не сакаме да го признаеме тоа. Мора да се избориме со тоа“.
Тој истакна дека наспроти Русија е коалиција на 42 држави, додека руските воено-политички и воено-технички капацитети се ограничени.
Во февруари, Ходаренок беше критичен кон ентузијастичките пропагатори кои тврдеа дека Русија лесно би ја добила војната со Украина.
„Вооружен конфликт со Украина не е во руските национални интереси“, заклучи тој тогаш.
Од почетокот на војната во Украина, Кремљ строго контролира како ќе се известува за неа, што придонесе за затворањето на речиси сите независни медиуми во земјата.