Шпански турист бил прегазен до смрт од слонови во Јужна Африка кога се обидел да фотографира стадо во кое имало и три младенчиња. Четириесет и тригодишниот маж загинал во националниот парк Пиланесберг, 210 километри од Јоханесбург.
Според официјални лица од паркот, Шпанецот, кој бил со тројца пријатели, излегол од своето возило и почнал да се движи кон група слонови, со цел да ги фотографира.
„И покрај предупредувањата од останатите, тој не ги послушал. Тогаш бил нападнат од возрасна слоница и, за жал, не успеал да ја избегне и да ѝ избега. На слоницата потоа ѝ се придружило целото стадо, кое го прегазило несреќниот маж“, кажаа од управата на паркот.
Оттаму рекоа дека слоновите потоа се оддалечиле и не покажале агресија кон останатите луѓе.
„Нормално е за слоновите да се обидат да ги заштитат своите младенчиња. Многу туристи се несвесни за опасностите и не веруваат колку опасни можат да бидат овие животни“, изјави Питер Нел, главен офицер за заштита во паркот.