Словачка стана втора земја од Европската Унија која почна да го вакцинира своето население со руската вакцина „спутник“, иако таа засега не е одобрена од европските регулатори.
„Навистина сакав да се вакцинирам со ‘спутник‘. Русија има долга традиција на производство на вакцини“, изјави жител на Жилина, кој прв во земјата ја прими оваа вакцина.
Словачка го следи примерот на Унгарија, која беше прва членка на ЕУ која почна да ја дава оваа вакцина, околу која се водат големи дебати во рамките на блокот.
Словачка нарача 200.000 дози на „спутник“ во март, откако тогашниот премиер Игор Матович тајно склучи договор со Русија, без знаење на владата. Вакцината во прв момент ќе им се дава само на лицата од 18 до 60 години и тоа на доброволна база.
Во земјата со 5,5 милиони жители досега има над 12.000 починати од ковид-19.