Премиерот Роберт Голоб изјави дека ситуацијата во Словенија е катастрофална и дека се очекуваат рекордни штети од прогласувањето на независноста откако земјата ја погоди силно невреме, проследено со поројни дождови, поплави и свлечишта. Досега е потврдено дека загинале три лица, меѓу кои и двајца холандски државјани.
Невремето вечерва се пресели во централниот дел на Хрватска, каде што расте нивото на Сава, а во текот на ноќта се очекува врвот на водениот бран во Загреб.
Северните и западните делови од Словенија се тешко погодени од невремето, а Агенцијата за животна средина прогласи црвена тревога за обемни поплави. Метеоролозите велат дека силните дождови ќе продолжат и во следните 24 часа.
Спасувачите се мачат да стигнат до поплавените подрачја, а некои места се целосно отсечени од светот. Во тешко погодената општина Шкофја Лока, заглавените жители се евакуираа со хеликоптери.
Речиси сите регионални патишта на северот се затворени, а околу 16.000 домови останале без струја. На теренот се распоредени и припадници на словенечката армија.