Словенечкиот премиер Роберт Голоб изјави дека штетите од невремето и поплавите кои уследија ќе бидат поголеми од 500 милиони евра, но додаде дека земјата располага со еден од најдобрите системи за заштита во Европа, а добро функционира и системот на цивилна заштита.
„Ова е најлошата природна катастрофа во историјата на Словенија. Зафатени се две третини од државата и штетите веројатно ќе бидат поголеми од 500 милиони евра. Напорите за враќање на животот во нормала ќе бидат огромни“, кажа Голоб.
Поројните дождови во Словенија почнаа во четвртокот, а веќе следниот ден беше поплавен голем дел од земјата. Најголема штета има на патната и на енергетската инфраструктура, но оштетени се и бројни станбени објекти.
Хидролошката ситуација ќе почне да се подобрува од денеска, но останува опасноста од свлечишта. Реките Крка и Сава и натаму се излеваат од своите корита, но ситуацијата не се влоши во текот на ноќта. И водостојот на Мура е во благ пораст, а протокот на водата во оваа река е втор најголем во историјата.
Поради поплави и свлечишта, и натаму се затворени бројни патишта во северниот и централниот дел на земјата. И за денеска се најавени врнежи, но ќе бидат со помал интензитет.