СНЕЖНО НЕВРЕМЕ ВО ГРЦИЈА И ТУРЦИЈА – ИЛЈАДНИЦИ ЛУЃЕ ЕВАКУИРАНИ ОД АВТОПАТ ВО АТИНА, ЗАТВОРЕН АЕРОДРОМОТ ВО ИСТАНБУЛ

    СНЕЖНО НЕВРЕМЕ ВО ГРЦИЈА И ТУРЦИЈА – ИЛЈАДНИЦИ ЛУЃЕ ЕВАКУИРАНИ ОД АВТОПАТ ВО АТИНА, ЗАТВОРЕН АЕРОДРОМОТ ВО ИСТАНБУЛНекои возачи биле заглавени во своите автомобили и повеќе од десет часа (Фото: АП)

    Спасувачките екипи, вклучувајќи ја и војската, работеа цела ноќ за да евакуираат илјадници луѓе заглавени во своите автомобили на автопат во Атина, откако сериозно снежно невреме ја погоди Грција и предизвика сообраќаен хаос. Повеќе од 3.500 луѓе биле евакуирани до утрово, при што некои ги оставиле своите автомобили и си заминале пешки.

    „Околу 1.200 автомобили и натаму стојат на главната обиколница околу Атина. Имавме многу тешка ноќ. На автопатот се одвива евакуација со натчовечки напори. Сè уште сме во многу тешка фаза бидејќи се најавуваат нови временски непогоди“, изјави портпаролот на владата Јанис Иконому.

    Откако температурите преку ноќ паднаа и до -14 степени, војската им делеше храна, вода и ќебиња на возачите, од кои некои биле заглавени во своите автомобили и повеќе од десет часа.

    Властите прогласија неработен ден денеска во пошироката област на Атина и на некои соседни острови и ги затворија и државните канцеларии и приватните фирми, со исклучок на супермаркетите, аптеките и бензинските пумпи. Се очекува невремето наречено Елпида да трае до утре.

    Слична е ситуацијата и во Турција: во Истанбул веќе втор ден се суспендирани летовите, а во Анталија снегот ги прекри плажите за првпат во последните 29 години.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира