СНИМКА ОД ПИЛОТСКАТА КАБИНА ОТКРИВА ДЕКА КАПЕТАНОТ ГО ПРЕКИНАЛ ДОТОКОТ НА ГОРИВО ПРЕД ДА СЕ УРНЕ АВИОНОТ НА „ЕР ИНДИЈА“

    СНИМКА ОД ПИЛОТСКАТА КАБИНА ОТКРИВА ДЕКА КАПЕТАНОТ ГО ПРЕКИНАЛ ДОТОКОТ НА ГОРИВО ПРЕД ДА СЕ УРНЕ АВИОНОТ НА „ЕР ИНДИЈА“Авионот кој летал за Лондон падна кратко време по полетувањето од аеродромот во Ахмедабад (Фото: АП)

    Снимка од разговорот помеѓу двајцата пилоти на авионот на „Ер Индија“ што се урна минатиот месец ја поддржува тезата дека капетанот го прекинал дотокот на гориво до моторите, изјави еден извор информиран за раната американска проценка на доказите.

    Првиот офицер кој бил на контролите на „боингот“ го прашал капетанот зошто ги преместил прекинувачите за гориво во позиција што ги лишила моторите од гориво и побарал да го врати дотокот, изјавил изворот за „Ројтерс“. Американската проценка не е содржана во формален документ, рече изворот, кој нагласи дека и натаму се истражува причината за несреќата од 12 јуни, во која загинаа 260 луѓе.

    Нема видеоснимка од пилотската кабина која сигурно покажува кој пилот ги префрлил прекинувачите, но доказите од разговорот укажуваат на капетанот, според првичната проценка. И индиските власти велат дека истрагата е во тек и дека е прерано да се извлекуваат дефинитивни заклучоци.

    Повеќето авионски несреќи се предизвикани од повеќе фактори, а според меѓународните правила, конечниот извештај се очекува во рок од една година од несреќата.

    Во прелиминарниот извештај објавен во саботата стои дека еден пилот е снимен како го прашува другиот зошто го исклучил горивото, на што тој одговорил дека не го сторил тоа. Истражителите не идентификувале кои забелешки ги дал капетанот Сумит Сабхарвал, а кои првиот офицер Клајв Кундер, кои зад себе имале искуство од 15.638 часови, односно 3.403 часови лет.

    Во извештајот се вели дека прекинувачите за гориво се префрлиле од „работи“ на „во прекин“ веднаш по полетувањето, но не се наведува како биле поместени.

    Авионот кој летал за Лондон падна кратко време по полетувањето од аеродромот во Ахмедабад. Почнал да губи потисок, а откако достигнал висина од 200 метри, почнал да тоне. Прекинувачите за гориво за двата мотора биле повторно вратени во позицијата „работи“ и авионот автоматски се обидел да ги рестартира моторите, се вели во извештајот. Но, авионот бил премногу ниско и бавен за да може да се поврати, изјави експертот за безбедност во воздухопловството Џон Ненс.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира