СОФИСКИОТ АЕРОДРОМ ПРИВРЕМЕНО ЌЕ БИДЕ ЗАТВОРЕН ЗА ЦИВИЛНИ ЛЕТОВИ ДОДЕКА ВО ВОЕНИОТ ДЕЛ ИМА ЗАСИЛЕНО ПРИСУСТВО НА АМЕРИКАНСКИ АВИОНИ

    СОФИСКИОТ АЕРОДРОМ ПРИВРЕМЕНО ЌЕ БИДЕ ЗАТВОРЕН ЗА ЦИВИЛНИ ЛЕТОВИ ДОДЕКА ВО ВОЕНИОТ ДЕЛ ИМА ЗАСИЛЕНО ПРИСУСТВО НА АМЕРИКАНСКИ АВИОНИНа социјалните мрежи беа објавени фотографии од најмалку шест авиони-цистерни од типот „KC-135Р/T Стратотанкер“ кои пристигнале во Софија од воената база „Мекдил“ во Флорида. (Фото: Американско воено воздухопловство)

    Главниот меѓународен аеродром во Бугарија, Васил Левски Софија (СОФ), ќе биде затворен за сите цивилни летови во раните утрински часови на 23 и 24 февруари. Според официјалното известување издадено преку системот НОТАМ, ограничувањето ќе трае од 1:15 до 2:50 часот во понеделник и од 1:05 до 3:35 часот во вторник по локално време.

    Од прес-службата на аеродромот велат дека причина за затворањето се редовни технички зафати и поправки на шахтите во близина на полетно-слетната патека. Времето за изведување на работите е координирано со редот на летање за да не се попречуваат редовните патнички линии.

    Од менаџментот на аеродромот додаваат дека овие активности се во согласност со меѓународните воздухопловни стандарди и немаат никаква врска со присуството на американски воени авиони во воениот дел на комплексот.

    Аеродромот во Софија има двојна намена, а во неговиот воен сектор, познат како воздухопловна база „Враждебна“, изминативе денови се забележани засилени активности на американското воено воздухопловство. На социјалните мрежи беа објавени фотографии од најмалку шест авиони-цистерни од типот „KC-135Р/T Стратотанкер“ кои пристигнале од воената база „Мекдил“ во Флорида.

    Движењето на американските воени средства низ Европа и Блискиот Исток е засилено во втората половина на февруари. Покрај авионите-цистерни, забележан е и транспорт на ловци од типот „Ф-22“, а американскиот носач на авиони „Џералд Р. Форд“ се движи со полна брзина кон Источниот Медитеран.

    Дел од меѓународните аналитичари сметаат дека овие воени движења се дел од подготовките за евентуални операции насочени кон нуклеарните капацитети на Иран. Користењето на бугарските аеродроми како транзитни точки се поврзува со информациите дека повеќе земји од Европа и Блискиот Исток, вклучувајќи ја и Велика Британија, одбиле да ги отстапат своите бази за операции поврзани со Иран.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира