Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) побарал од здравствените власти во сите 50 сојузни држави да бидат подготвени за дистрибуција на потенцијална вакцина против ковид-19 на крајот на октомври, што предизвика загриженост кај експертите. Вакцината во прв момент би ја добиле високоризичните групи.
Според „Њујорк тајмс“, три документи испратени на 27 август разработуваат детаљни сценарија за дистрибуција на две неидентификувани можни вакцини. Во нив се вели дека први би биле вакцинирани здравствените работници, лицата над 65 години и заедниците во кои што има поголем ризик од зараза.
Тајмингот на исфрлувањето вакцина е од големо политичко значење за Доналд Трамп, кој смета дека таа му е најголем адут за повторно да биде избран за претседател на изборите во ноември. Тој одобрил милијарди долари федерални средства за развој на вакцина против ковид-19, од кој досега починале над 180.000 Американци.
Одреден број потенцијални вакцини моментално поминуваат низ клинички тестирања, при што неколку се во завршна фаза, но некои експерти стравуваат дека најавите од ЦДЦ се политички мотивирани.