Социјалдемократите на премиерката Мете Фредериксен освоија најмногу гласови на вчерашните парламентарни избори во Данска, но не успеаја да обезбедат мнозинство по најлошиот резултат на партијата во повеќе од еден век. Тие добија 21,9% гласови и ќе имаат 38 пратеници, со што остануваат најголемата партија, но победата, сепак, не е целосна.
„Жалам што не освоивме повеќе гласови. Се надевав на подобар резултат“, рече Фредериксен, која се бори за својот трет мандат.
Данска вообичаено ја водат коалициски влади, па се очекуваат тешки преговори, кои би можеле да траат со недели. „Црвениот блок“ на левичарските партии ќе има 84 пратеници, само седум повеќе од десничарскиот, „син блок“. Двата блока не успеаја да стигнат до 90 места, колку што е потребно за мнозинство во данскиот парламент.
Засега е нејасно кој блок ќе успее да формира влада. За ова би можела да решава партијата Умерените, која освои 14 пратенички места. Нејзиниот лидер Ларс Леке Расмусен, кој го презеде главниот збор во спорот со САД околу Гренланд, порача дека преферира влада формирана околу центарот.
Трелс Лунд Поулсен, лидерот на Либералите, најголемата партија во „синиот блок“, отфрли можност за повторна соработка со Социјалдемократите и го повика Расмусен на негова страна.
Фредериксен ги распиша изборите неколку месеци порано од очекуваното, сметајќи дека ѝ пораснал рејтингот со справувањето со заканата од Доналд Трамп за анексија на Гренланд, кој, сепак, не беше големо прашање во кампањата.



