СПОМЕНИК НА СТАЛИН ПОСТАВЕН ВО МЕТРОТО ВО МОСКВА

    СПОМЕНИК НА СТАЛИН ПОСТАВЕН ВО МЕТРОТО ВО МОСКВАСпоменикот на озлогласениот советски диктатор е поставен е на станицата Таганскаја за да ја одбележи 90-годишнината од московското метро, познато по своите мозаици, лустери и други украси, изградено во времето на Сталин. (Фото: АП)

    Споменик на Јосиф Висарионович Сталин е поставен на една од најпрометните станици на подземната железница во Москва, што е последен обид на руските власти да го оживеат наследството на бруталниот советски диктатор. Скулптурата го прикажува Сталин опкружен со работници и деца со цвеќиња. Поставен е на станицата Таганскаја за да ја одбележи 90-годишнината од московското метро, познато по своите мозаици, лустери и други украси, изградено во времето на Сталин.

    Споменикот го заменува претходното обележје кое беше отстрането во деценијата по смртта на Сталин во 1953, во обид да се искорени неговиот „култ на личноста“ и да не се заборават децениите на репресија обележани со наместени судења, ноќни апсења и милиони убиени или фрлени во затворски логори како „непријатели на народот“.

    Московјаните имаат различни мислања за поставувањето споменикот, при што некои потсетуваат како земјата живеела во страв под неговото владеење. Многу патници го фотографираа споменикот, а некои положија цвеќе под него. 22-годишниот Алексеј Завацин за Асошиетед прес изјави дека Сталин бил „голем човек“ кој „од една сиромашна земја направил суперсила“.

    Активистите од „Општество.Иднина“, руско политичко движење кое изразува продемократски и националистички ставови, протестираа поставувајќи постери во подножјето на споменикот на кои се цитирани врвни политичари кои го осудуваат диктаторот.Еден постер со ликот на претседателот Владимир Путин, го цитираше како жали за „масовните злосторства на Сталин против народот“ и дека неговата модернизација на СССР дојде по цена на „неприфатлива“ репресија.

    Откривањето на споменикот се случи неколку недели откако Путин потпиша декрет за преименување на аеродромот во Волгоград во Сталинград – како што беше наречен градот кога советската Црвена армија таму ги порази нацистичките германски сили во една од најкрвавите битки во Втората светска војна. Самиот Волгоград накратко го врати своето поранешно име на 8-9 мај за прославите на Денот на победата и ќе биде привремено преименуван уште пет пати оваа година за да ги одбележи поврзаните годишнини од војната.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира