СПРЕМНИ СМЕ ДА УМРЕМЕ ВО ОВАА ПОБУНА, НЕМА ДА МУ СЕ ПРЕДАДЕМЕ НА ПУТИН, КАЖА ШЕФОТ НА „ВАГНЕР“

    СПРЕМНИ СМЕ ДА УМРЕМЕ ВО ОВАА ПОБУНА, НЕМА ДА МУ СЕ ПРЕДАДЕМЕ НА ПУТИН, КАЖА ШЕФОТ НА „ВАГНЕР“Првпат од почетокот на војната, Пригожин директно се сврте и против Путин (Фото: АП)

    Борците на „Вагнер“ се подготвени да умрат во вооружената побуна што ја покренаа, изјави шефот на руската платеничка група Евгени Пригожин, кого Владимир Путин го обвини за велепредавство откако тој се закани дека ќе тргне на Москва за да го собори раководството на руската војска.

    Сите ние сме подготвени да умреме. Сите 25.000, а потоа и други 25.000. Ние гинеме за рускиот народ“, стои во последната аудиопорака на Пригожин на Телеграм.

    За првпат од почетокот на војната, Пригожин директно се сврте и против Путин, додавајќи дека тој згрешил што го нарекол предавник.

    Никој нема да се предаде на барање на претседателот. Не сакаме земјата да продолжи да живее во корупција и лаги. Ние сме патриоти, а тие што се против нас се оние кои се собраа околу копилињата“, кажа Пригожин.

    Борците на „Вагнер“, за кои Пригожин тврди дека се 25.000, преминаа од Украина во Русија и упаднаа во Ростов на Дон, каде што сега ги контролираат воените објекти и аеродромот. Извори од руските безбедносни служби кажаа дека борците на „Вагнер“ зазеле воени објекти и во градот Воронеж, оддалечен 500 километри од Москва. Гувернерот на Воронеж, Александар Гусев, соопшти дека војската ги презема сите неопходни мерки во регионот како дел од прогласената противтерористичка операција.

    Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров порача дека неговите сили се подготвени да ја задушат побуната на „вагнеровците“, додека Естонија објави дека ја засилува безбедноста на границата со Русија.

    Без да ги спомне Пригожин и „Вагнер“, Путин утрово кажа дека големите амбиции на некои поединци резултираа со велепредавство и ги опиша акциите на бунтовниците како забивање нож во грб.

    Пригожин ги повика министерот за одбрана Сергеј Шојгу и шефот на руската војска Валери Герасимов на средба во Ростов на Дон, кои претходно често ги критикуваше за начинот на водење на војната во Украина. Тој вчера ја обвини руската војска дека извела смртоносен ракетен напад на неговите трупи, што бил директен повод за побуната.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира