Српската полиција ги отстрани уличните блокади во Белград кои беа поставени поради серија апсења на антивладини демонстранти по големиот протест во саботата, на кој беа побарани предвремени избори.
Илјадници демонстранти поставија метални бариери и контејнери на разни локации во Белград и во други градови низ земјата. Видео објавено на социјални мрежи покажува полициски возила како со голема брзина поминуваат низ една блокада во Белград, додека луѓе бегаат.
„Брзо и лесно ги решивме блокадите и терористичкото делување во Србија. Државата си ја врши својата работа. Блокадите беа прекинати со минимална употреба на сила од страна на полицијата“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.
Блокадите се дел од постојаниот притисок врз српската влада, што почна по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 16 луѓе. Десетици илјади луѓе се придружија на саботниот студентски протест во Белград, при што групи демонстранти се судрија со полицијата по завршувањето на официјалниот собир. Во судирите биле повредени речиси 50 полицајци и 22 демонстранти, а повеќе од 30 луѓе се соочуваат со кривични обвиненија.
Дополнително биле приведени осуммина студенти за наводни активности против уставниот ред и поредок. Тие се обвинети дека планирале напади врз државни установи.
Вучиќ ги отфрли повиците за предвремени избори, кои во редовен термин треба да се одржат во 2027 и ги обвинува студентите и професорите за терор и за обиди да ја уништат државата.