Антивладините демонстранти го блокираа пристапот до зградите на Радио-телевизија Србија (РТС) во Белград и Радио-телевизија Војводина (РТВ) во Нови Сад, спречувајќи ги вработените да влезат и принудувајќи исклучување на некои емитувања во живо.
Студентите ја почнаа блокадата синоќа откако на јавниот сервис биле наречени толпа, при што во краток судир на полицијата со демонстрантите бил повреден еден полицаец. Иако лидерите на студентските протести постојано повикуваат на мирни протести, претседателот на Србија Александар Вучиќ синоќа кажа дека судири се неизбежни.
„Насилството нема да се избегне. Веќе има планови за тоа за кои знаеме. Знаеме кој ќе фрла јајца, камења и факели кон парламентот“, изјави Вучиќ.
Студентите кажаа дека блокадата на РТС мораше да се случи зашто бараат објективно известување. Кордонот пред зградата не дозволува никој да влезе во зградата, но излегувањата не се спречуваат.
Уредничката и новинарка на РТС Бојана Млаѓеновиќ негираше дека ги нарекла студентите толпа, но се извини што го употребила зборот во разговорот со Вучиќ.
Најавено е дека блокадата ќе трае 24 часа.