Израел не спроведува кампања на изгладнување во Газа, рече премиерот Бенјамин Нетанјаху, нарекувајќи го обвинувањето „дрска лага“.
„Нема политика на изгладување во Газа и нема глад во Газа“, изјави тој вчера.
Нетанјаху додаде дека „Израел овозможил да пристигне количината на храна што е потребна според меѓународното право“.
„Хамас ја краде хуманитарната помош и потоа го обвинува Израел дека не ја испорачува“, кажа Нетанјаху.
Обединетите нации велат дека Израел го отежнува доставувањето помош во Газа поради бирократски пречки и воени акции. Меѓународните организации, вклучително и Светската здравствена организација, велат дека постојат сериозни недостиг на храна и неухранетост во Појасот Газа.
Хамас негира дека крадел помош од местата за собирање. Во неодамнешен извештај на УСАИД стои дека нема докази за систематски грабеж на залихи од страна на Хамас.
Израел вчера почна со дневни десетчасовни паузи во воени операции и отвори нови коридори за достава на храна и лекови во Газа, додека Јордан и Обединетите Арапски Емирати исфрлиле 25 тони помош од воздух. Израел донесе ваква одлука откако се соочи со засилен меѓународен притисок, а индиректните преговори за прекин на огнот со Хамас пропаднаа без договор на повидок.
Доналд Трамп кажа дека Израел ќе мора да донесе одлука за своите следни чекори во Газа и додаде дека не знае што ќе се случува откако пропаднаа преговорите во Доха.
Шефот за хуманитарна помош во ОН Том Флечер изјави дека Израел олеснил некои ограничувања и дека стотина камиони со помош вчера влегле во Газа.
Министерството за здравство на Газа кажа дека уште 14 луѓе починале од глад во изминатите 24 часа, а вкупно 147 од почетокот на војната.