СУНАК ФАВОРИТ ЗА БРИТАНСКИ ПРЕМИЕР, ЏОНСОН НЕНАДЕЈНО СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД ТРКАТА

    СУНАК ФАВОРИТ ЗА БРИТАНСКИ ПРЕМИЕР, ЏОНСОН НЕНАДЕЈНО СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД ТРКАТААко биде избран, Риши Сунак ќе биде првиот премиер со индиско потекло во Обединетото Кралство. (Фото: АП)

    Поранешниот министер за финансии Риши Сунак е најсилен фаворит да ја замени Лиз Трас како британски премиер и тоа би можело да се случи веќе попладнево, откакако неговиот најсилен ривал, поранешниот премиер Борис Џонсон, синоќа драматично се повлече од трката. Џонсон тврдеше дека ја има потребната поддршка за да остане во трката, но рече дека тоа нема да биде правилно.

    Сунак го пофали Џонсон, велејќи „ние секогаш ќе бидеме благодарни за неговите постапки за време на пандемијата со ковид и војната во Украина“.

    Пени Мордонт е далеку од потребните 100 пратеници од Конзервативната партија што треба да ја поддржат за да остане во трката, сега има 25 и мора да го обезбеди потрениот број до 14 часот за да нејзиното име биде ставено на гласачкото ливче.

    Поранешниот премиер Џонсон тврдеше дека има 102 пратеници, иако помалку од 60 пратеници јавно се изјаснија дека ќе го поддржат. Пратениците кои го поддржаа Џонсон почнаа да ги менуваат своите номинации за да ги поддржат Сунак и Мордoнт и имаат рок до 14 часот да го сторат тоа. Јасен фаворит сега е Сунак, кој има поддршка од повеќе од 140 пратеници, според неофицијалните податоци.

    Ако и двајцата излезат на гласање, 357-те конзервативни пратеници денеска ќе одржат индикативно гласање за да ја покажат својата преференца пред изборот да оди кај 172.000 членови на партијата низ целата земја. Ако Мордонт не достигне 100 номинации, Сунак ќе победи со акламација.

    Ако биде избран, Сунак ќе биде првиот премиер со индиско потекло во Обединетото Кралство. Неговото семејство емигрирало во Британија во 1960-тите, период кога многу луѓе од поранешните британски колонии дошле да помогнат во обновата на земјата по Втората светска војна. По дипломирањето на Универзитетот во Оксфорд, тој подоцна замина на Универзитетот Стенфорд каде ја запозна својата сопруга Акшата Мурти, чиј татко е индискиот милијардер Н. Р. Нарајана Мурти, основач на аутсорсинг гигантот „Инфосис“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира