Нов Зеланд е единствената земја на светот во која има повеќе од 1.000 заразени со коронавирус, а само еден смртен случај.
Пристапот на Нов Зеланд кон пандемијата, кој вклучи рано воведување рестриктивни мерки, доби пофалби низ цел свет, па оваа земја со околу пет милиони жители моментално има само 1.160 потврдени случаи на зараза. Во последните 24 часа се регистрирани 50 нови случаи, најмалку во еден ден досега, иако биле спроведени најмногу тестирања – над 4.000.
„Јас сум претпазлив оптимист, но сега е време да се придржуваме до мерките“, изјави премиерката Џесинда Ардерн.
Според „Вашингтон пост“, биле потребни само 10 дена за да се види дека пристапот на земјата е функционален, при што тој е заснован на елиминирање на вирусот, а не на негово контролирање, како што прават САД и западноевропските земји.
„Нов Зеланд не само што ја исправа кривата, туку и ја прекршува“, пишува весникот.
Според епидемиологот Ник Вилсон, Нов Зеланд е една од ретките држави која форсира стратегија на елиминирање на вирусот.
„Тоа е вистинска одлука, заснована на она што досега го знаеме за вирусот и затоа пристапот на Нов Зеланд доби меѓународно признание“, кажа Вилсон.
Нов Зеланд деновиве уште повеќе го заостри националниот карантин, кој бара сите освен суштински работници да останат дома цело време.