Светот денеска ја надмина бројката од 150.000 починати од КОВИД-19, но се верува дека ова не ги одразува вистински размерите на катастрофата.
Кина за 50% го зголеми својот трагичен биланс, додека во Италија, Шпанија, Франција и САД и на други места исто така се појавуваат сомнежи додека властите ги ревидираат бројките или отворено ги преиспитуваат.
„Веројатно го гледаме само врвот на сантата“, изјави епидемиологот Антони Трилја од Универзитетот во Барселона.
Експертите сметаат дека бројот на заразени и починати е помал од официјално пријавениот речиси секаде. Илјадници луѓе умираат со симптоми на КОВИД-19, особено во старечки домови, без да бидат тестирани. Четири и пол месеци од појавата на коронавирусот државите и натаму се мачат да го зголемат обемот на тестирање.
Во Италија во последните 24 часа починале 575 луѓе од КОВИД-19, а вкупно 22.745 досега, но властите признаваат дека оваа бројка е потценета. Владино истражување покажа дека од 1 февруари, во една третина од старечките домови во земјата починале околу 6.000 штитеници и нејасно е колку случаи на КОВИД-19 има меѓу нив.
Во Велика Британија досега има 14.576 мртви од КОВИД-19, од кои 847 во последните 24 часа, но властите постојано потенцираат дека ова се само оние кои починале во болници. Тие веруваат дека бројката е 15% повисока.
Шпанија се ближи кон границата од 20.000 починати, но во статистиката не влегуваат оние кои имале симптоми, но не биле тестирани пред да починат.
Официјалниот трагичен биланс во Њујорк беше двојно зголемен оваа недела откако властите почнале да ги вклучуваат и оние кои веројатно имале коронавирус, но починале без да бидат тестирани. Речиси 3.800 мртви беа додадени по тој основ.