Светската здравствена организација предупреди дека бројот на заразени и хоспитализирани со ковид-19 е во пораст во Европа, додека светот се ближи кон бројката од еден милион починати. Оттаму додаваат дека ситуацијата е алармантна бидејќи болниците во исто време ќе треба да се справуваат со сезонскиот грип.
„Европа треба да работи многу за да ја стабилизира ситуацијата и да ја стави заразата под контрола. Во рамките на тој голем регион гледаме загрижувачко ширење на коронавирусот. Ние сме на крајот на септември и сезоната на грип сѐ уште не е почната, па сме загрижени дека овие трендови одат во погрешна насока“, изјави шефот за вонредни ситуации во СЗО, Мајк Рајан.
СЗО проценува дека два милиона луѓе би можеле да умрат од ковид-19 пред да се појави ефективна вакцина. Се очекува викендов да биде надмината границата од еден милион мртви. Од 32 милиона заразени на светско ниво досега, 15 милиони отпаѓаат на САД, Индија и Бразил.
„Се чини дека гледаме почеток на втор бран на коронавирусот во многу земји од северната хемисфера. Европејците треба да се запрашаат дали направиле доволно за да избегнат нови затварања и карантини“, вели Рајан.