Светската програма за храна, организација во рамките на Обединетите нации, е годинашниот добитник на Нобеловата награда за мир.
„Оваа година сакавме да го свртиме вниманието на светот кон милиони луѓе кои страдаат или се соочуваат со закана од глад. Светската програма за храна е водечка сила во напорите да се спречи употребата на гладот како оружје за војна и конфликти“, изјави претседателката на Нобеловиот комитет, Берит Рајс-Андерсен.
Основана во 1961 година, се проценува дека оваа организација годишно обезбедува помош во храна за околу 97 милиони луѓе во 88 земји, од кои над 60 милиони се деца. Нејзиното седиште е во Рим, но има повеќе од 80 канцеларии низ цел свет.
Оваа година имаше 318 номинирани за Нобеловата награда за мир, од кои 107 беа организации.